Централниот напаѓач на Рома, Един Џеко е близу трансферот во Фенербахче, објавија денес турските медиуми. До крајот на денот фудбалерот треба да пристигне во Истанбул, каде што ќе може да преговара со претставници на клубот.
Веста доаѓа само еден ден откако во Италија напишаа дека 33-годишниот Џеко се согласил на договор со Интер. Босанскиот интернационалец има договор со Рома за само уште една година. Синоќа тој играше во последниот натпревар на „волчицата” оваа сезона против Парма (2:1).
Фенербахче е во потрага по квалитетни засилувања по лошата сезона која ја имаа и не се пласираа во европските купови. Претходно денес, Метју Валбуена објави дека заминува од Фенербахче и се сели во Олимпијакос.
Подоцна, сепак, агентот на Џеко ги негираше информациите. „Един е на одмор, тој нема да оди во Истанбул, не знам од каде доаѓаат сите овие информации”, изјави Ирфан Реџепагиќ за да ги смири навивачите на Интер.