Лигата на нации го очекува својот нов шампион кој ќе ја замени Португалија, а тоа ќе се случи за неколку дена.
Хрватска е првиот финалист во ова издание на Лигата на нации откако синоќа во одличен натпревар, кој траеше 120 минути, ја совлада Холандија во Ротердам со 4:2.
Со играта во вториот дел и во продолжението, тимот предводен од селекторот Златко Далиќ покажа карактер.
„Како само момците се бореа, се бодреа еден со друг..Победена е Холандија на нивни терен. Капа долу на сите. Хрватска обезбеди уште еден медал. Одработивме фантастични осум тренинзи, ништо не нè вознемируваше. Хрватска е пред сè и за неа сè поднесуваме. Оваа победа секако е една од најважните во историјата на хрватската репрезентација. Ние никогаш не „паѓаме“, имаме и квалитет и карактер. Не ми е важно со кој ривал ќе играме в недела. Сребро веќе имаме, сега одиме по злато“, изјави Далиќ по мечот со Холандија.
Вечерва се игра второто полуфинале меѓу Шпанија и Италија, а победникот од оваа средба ќе биде противник на Хрватска во неделното финале.