Оваа година по деветтипат, Сојузот на спортови на Скопје, под покровителство на Град Скопје ја организираше Авицена Женската трка. И годинава организирана според протоколот и препораките одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, учесничките трчаа на 3 километри, а стартот и целта беа во Градскиот Парк.
Победничка на женската трка оваа година е Билјана Кираџиева која истрча време од 11:04 минути, пред Душица Јанковиќ и Вера Урдаревска.
Инаку учесничките беа категоризирани во неколку возрасни групи. Во онаа кај најмладите до 12 години победи Исидора Исјановски, до 14 години најдобра беше Росана Гошева, додека до 18 години прва стигна Теа Божиновска.
Во категорија над 50 години прва финишираше Сунчица Арсовска.