Актуелниот претседател на МОК, Даниел Димевски доби нов мандал и ќе биде претседател на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) и во следните четири години. На денешното редовно изборно собрание, одржано во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, на кое имаше кворум (55 присутни делегати од вкупно 62) и се гласаше по единствената кандидатура, онаа на актуелниот претседател.
Димевски доби доверба со 45 гласа ЗА, осум ПРОТИВ и два ВОЗДРЖАНИ и ќе го води МОК најмалку уште четири години.
„Ова е вистинскиот МОК со сите свои бои и шаренила, со масовна присутност и ова е место каде ќе се креираат идните спортски одлуки. Мојата желба е следниот пат сите да бидеме на иста страна. Ако се држиме заедно и силно, никој ништо не ни може. Оваа бројка на позитивни гласови обврзува, Победувам затоа што ве имам сите вас и затоа можам да ве погледнам во очи. Време е да го смениме Законот за спорт и да станеме уште посилни. Секој кој смета дека некаде сум погрешил, сум го повредил, може да ми се обрати. Јас сум отворен човек сум и сакам да соработувам со секој од вас“ рече Димевски по неговиот избор.
На 29 октомври 2020 година Димевски беше избран за прв човек на олимпиското движење и по 28 години го симна од претседателската фунцкија Васил Тупурковски.