Селекторот на Шпанија Луис де ла Фуенте го објави својот прелиминарен состав од 29 играчи за претстојното Европско првенство во Германија, а играчите ќе бидат намалени за три до почетокот на турнирот.
Во составот се најдоа и младите талентирани играчи на Барселона Ламин Јамал и Пау Кубарси, како и херојот на Реал Мадрид од полуфиналето со Баерн (Минхен) Хоселу.
Тројца играчи имаат свој деби-повик во репрезентацијата, а тоа се Ајозе Перез (Бетис), Фермин Лопез (Барселона) и Алеикс Гарсија (Џирона).

Од друга страна, крилниот напаѓач на ПСЖ, Марко Асенсио не беше повикан. Фудбалерот на Реал Мадрид, Лукас Васкез, исто така, нема да игра на Евро 2024 во оваа фаза, а истото важи и за неговиот соиграч, голманот Кепа Аризабалага.

