Јувентус е во финална фаза во преговорите за привлекување на Матијас Де Лихт. Различни извори, меѓу кои „Скај Италија“ и „Калчомеркато“, открија дека капитенот на Ајакс веќе ја прифатил понудата на италијанскиот шампион.
Де Лихт ќе потпише договор за 5 години, со плата од 8 милиони евра. Со предвидените бонуси износот може да достигне 12 милиони евра. Во договорот ќе биде вклучена откупна клаузула во вредност од 150 милиони евра.
Токму неможноста да впише слична клаузула го спречило ПСЖ да го финализира привлекувањето на Де Лихт пред неколку недели, тврди трансфер експертот Џанлука Ди Марцио. Францускиот гигант беше многу блиску до потписот на дефанзивецот, но правилото кое им забранува на француските клубови да ставаат откупни клаузули во договорите на играчите, доведе до неуспех на овој трансфер. Од Барселона исто така се откажале од Де Лихт. иако имаа голема желба да се засилат со 19-годишниот талент, но веќе сфатиле дека тој преферира да се пресели во Јувентус.
„Зборував со пријатели од детските години и се сетив дека кога игравме во дворот, јас секогаш сакав да бидам Кристијано Роналдо. Мојот прв фудбалски дрес од тие времиња, исто така беше на Роналдо”, изјави Де Лихт за медиумите во Холандија.
Сега тој ќе има можност да игра со неговиот идол. Ајакс ќе добие 70 милиони евра за својот капитен. Минатата сезона, Де Лихт играше на 55 официјални натпревари во кои постигна 7 гола. Тој стана шампион на Холандија, го освои Купот и стигна до полуфиналето во Лигата на шампионите откако Ајакс го елиминираше Јувентус.