Денес е тажен ден за навивачите на Рома. Еден од симболите на тимот Даниеле Де Роси објави на официјалната прес-конференција дека ќе стави крај на 18-годишната кариера во римскиот клуб.
36-годишниот играч од средниот ред, призна дека не добил понуда за нов договор од страна на клубот и изјави дека не размислува да престане со фудбалот. Де Роси чека понуди, а кога ќе ја заврши кариерата, најави дека ќе се посвети на тренерската професија.
„Вчера ми беше кажано дека мојот договор нема да биде обновен. Имам 36 години и не сум глупав. Кога никој не седнува со вас за да разговара за вашиот договор, тогаш сè е одлучено. Не сум разговарал со други тимови. Сè уште се чувствувам како фудбалер и сакам да продолжам. Ќе направам грешка пред себе, ако престанам да играм фудбал. Не знам дали ќе останам во Италија, или пак ќе играм во странство”, изјави Де Роси.
„Ако имав волшебно стапче, во мојата витрина би ставил неколку трофеи. Оваа одлука ја донесувам со чиста душа. Нормално е да се направат грешки во текот на овие години. Имав можност да одам во други тимови за кои се вели дека победуваат повеќе од Рома. Мојата љубов кон клубот ќе продолжи во друга форма. Не исклучувам во наредните години да ме гледате со сендвич и пиво во некои од навивачките сектори, за да ги поддржам пријателите “, додаде Де Роси.
„Од Рома сакаат да станам директор? Ќе ја оставам „валканата“ работа на Тоти. Би сакал да станам тренер”, заврши Даниеле Де Роси.