Легендата на Јувентус, Алесандро Дел Пјеро, призна дека разговарал со тренерот на екипата, Масимилиано Алегри.
Од страна на Алегри на Дел Пјеро му било потенцирано дека Јуве во Мадрид ќе бара гол за да го направи реваншот полесен. Дел Пјеро, исто така, коментираше за тоа што се случи во Интер во однос на случајот со Мауро Икарди.
„Не знам како ќе заврши мечот Атлетико Мадрид – Јувентус. Сè може да се случи. Атлетико е многу силен тим, а Симеоне му даде на тимот солиден идентитет. Од друга страна е Јувентус, кој може да ја освои Лигата на шампионите. Разговарав со Алегри и тој ми кажа дека ќе сака Јувентус да постигне гол бидејќи знае дека реваншот ќе биде тежок ако првиот натпревар заврши 0:0. Ќе биде многу интересно. Осмото Скудето? Се чини дека другите не можат да му парираат на Јувентус. Жалам за нив, бидејќи тие се засилени, но Јувентус, исто така, го засили својот состав”, изјави Дел Пјеро.