Денеска се играат вторите 8 натпревари од 5.коло во групната фаза од Лигата на шампионите. Времето за грешки заврши и секој погрешен чекор може да биде фатален за одредени екипи. Со оглед на пласманот во поединечните групи, веќе вечерва можеме да ги дознаеме имињата на многу од екипите кои ќе продолжат во осминафиналето, а ќе има и такви кои засекогаш ќе ги загубат шансите.
Групата „А“ е единствената во која засега нема изедначеност. Наполи има полн ефект од 12 бода и веќе има загарантиран пласман во следната фаза, но ќе се обиде да го продолжи брилијантниот настап на домашен терен со Ренџерс. Избраниците на Лучијано Спалети немаа проблеми на гостувањето во Глазгов и победија со 3:0. Шкотите тешко дека ќе најдат причини за оптимизам, но сигурно дека нема да се предадат без борба во Неапол.
Влогот е многу поголем на натпреварот меѓу Ајакс и Ливерпул. По добриот старт, Холанѓаните забележаа три последователни порази и само победа денеска ќе ги остави во борба за второто место. Ливерпул е во значително подобра позиција и ќе напредува дури и со реми. Јирген Клоп има свој дел од кадровски проблеми, но се очекува тимот да одговори по заслужените критики кои следеа по поразот од Нотингем викендот.
Во групата „Б“ сигурно е дека Бриж е веќе во осминафиналето. Белгијците се пријатното изненадување на турнирот и освоија 10 бода од првите 4 натпревари, а уште поимпресивно, на нив не примија ниту еден гол. Вечерва на „Јан Брејдел“ пристигнува Порто, кој ќе бара реванш за поразот со 0:4 на домашен терен. „Змејовите“ се втори во групата и доколку победат, а Атлетико Мадрид загуби од Баер (Леверкузен), ќе обезбедат учество во директните елиминации. Атлетико Мадрид сепак зависи само од себе, но победата против „фармацевтите“ е без приоритет. Атлетико е во добра форма, но тоа не се гледа од нивните резултати во Лигата на шампионите. Тимот на Диего Симеоне има причина за незадоволство по поразот од Баер Леверкузен со 2:1 во Германија и ќе се надева дека Порто нема да победи во Бриж за да заврши на второто место пред одигрувањето на последното коло. Леверкузен може да остане во игра за пласман во осминафиналето само со победа на „Ванда Метрополитано“.
Големо прашање во групата „Ц“ е дали Барселона денеска ќе ги загуби надежите за пласман во осминафиналето. Каталонците не успеаја да го совладаат Интер во најспектакуларниот меч од стартот на турнирот и сега треба да сметаат на чудо. Првиот услов е да го победат Баерн (Минхен) на „Камп Ноу“, а вториот и помалку веројатен е Интер да загуби дома против аутсајдерот Викторија (Плзен). Баерн ќе игра без тензија, откако веќе ја заврши работата и собра максимален број од 12 бода. За Интер мечот со Викторија е меч топка. „Нероаѕурите“ во последните неколку години постојано потфрлија во групите од Лигата на шампионите, но овојпат тешко дека ќе ја пропуштата оваа шанса. Избраниците на Симоне Инзаги се свесни дека со успех денеска ќе се зацементираат на второто место и ќе си заминат крајно мотивирани. Гостите од Чешка се без освоен бод и досега примија 16 гола и се во опасност да го соборат рекордот за најлош учинок во историјата на турнирот.
Во групата „Д“ сите екипи имаат шанси да продолжат во осминафиналето. Најблиску до остварување на оваа цел е Тотенхем. Лондонскиот клуб е лидер на табелата со 7 бодови, а вечерва го пречекуваат Спортинг Лисабон и евентуална победа ќе значи најмалку второ место во конечниот поредок. Спортинг ќе брка барем нерешено во Лондон за да остане во игра пред последното коло. Олимпик Марсеј почна многу променливо, но со 6-те бода од натпреварите против Спортинг скокна на втората позиција и ќе ја брани по секоја цена. Вечерва клубот од Марсеј гостува кај Ајнтрахт (Франкфурт). Со победа и воедно успех на Тотенхем против Спортинг, французите ќе бидат сигурни во осминафиналето. За Германците шанси ќе има само ако победат.