Денес се одлучува кој ќе биде новиот шампион на Премирелигата, Манчестер Сити или Ливерпул, тоа се двете екипи кои во ова последно коло влегоа со шанса да ја освојат титулата.
„Мртвата трка“ помеѓу Манчестер сити и Ливерпул за титула во Премиерлигата ќе заврши попладнево нешто пред 18 часот, а кој и да биде шампион, ќе биде испишана историја. Тој што нема да биде првак, ќе жали за испуштената шанса и ќе постави рекорд по број на бодови кои ги имал еден тим што не освоил титула.
Пред денешните натпревари Манчестер Сити има 95 бода, Ливерпул 94, и тој еден бод разлика може да биде „злато“ вреден за „граѓаните“ кои сакаат да ја одбранат титулата од минатата сезона. Двата тима не знаат за пораз уште од јануари. Сити има 13 победи по ред во англиското првенство и на гостувањето кај Брајтон од 16, оди на 14-ка, што е значи титула.
Ливерпул има друга математика. Игра дома со Вулверхемптон и мора да победи, бидејќи реми или пораз значи простување со пехарот кој го чека долги 30 години. Но, и победа не значи дека сигурно ќе ја освојат титулата, ќе мора да се надеваат на изненадување на Брајтон против Сити, односно тимот од југот на Англија да извлече барем еден бод против фаворитот.
Во досегашната историја на Премиерлигата шампионот се одлучувал осум пати во последното коло (откако се игра како Премиерлига). Има теоретска шанса да се игра и мајсторка за титулата на неутрален терен. За ова да се случи, треба да се случи вистинско чудо, а тоа е Сити да загуби од Брајтон со 0:4, а Ливерпул да одигра нерешено 4:4, што е навистина тешко остварливо.
Натпреварите од последното коло на Премиерлигата се играат денес од 16 часот.