Женското одбојкарско финале го исфрли шампионот Работнички во позиција на фаворит и пред третиот дуел со Струмица викендов, откако по првите две средби бранителките на трофејот остварија две максимални победи. Тренерот на Работнички, Душко Деспотовски, во гостувањето на Спортското радио 90.3 фм ги сподели своите очекувања од финалната серија.
„Финалето е секогаш неизвесно. Струмица оваа година имаше најдобар скор, имаа само еден пораз до ова финале. Изненадувачки во првите два натпревари славевме со 3:0, но по поени во сетови и не изгледаше така убедливо. За нас работите тргнаа многу позитивно, одат во нагорна линија, сега сме на еден чекор до одбрана на шампионската титула од минатите две сезони, но рано е да се зборува се уште за освојување на титулата. Ќе дадеме се од себе да останеме на овој победнички пат. Ако успееме в сабота во Струмица да ја завршиме работата би било одлично, ако не имаме шанса за поправен“, вели Деспотовски.
Третиот меч од женското финале е на програмата в сабота од 18 часот во Струмица.
Комплетниот разговор со Душко Деспотовски може да го проследите на следниот ЛИНК.