Тренерот на Рома, Еузебио Ди Франческо, покажа оптимизам пред реванш натпреварот со Ливерпул во Лигата на шампионите. Двете екипи ќе се сретнат на „Олимпико“ во среда вечер од 20:45 часот.
„Кога ќе се обидете да победите, ќе поминете низ серија грешки. Важно е да знаете како можете да ја подобрите вашата игра. Покажавме дека можеме да го имаме вистинскиот избор во секој натпревар. Средбата со Киево не беше воопшто лесна за нас. Сега мораме добро да се подготвиме за претстојниот дуел во Лигата на шампионите. Докажавме дека можеме да постигнеме добри резултати. Ние мора да веруваме во себе, тоа е моето мото”, рече Ди Франческо за „Скај Италија“.
„Да не заборавиме дека изгубивме од тим кој е меѓу Топ 4 во Европа. Ливерпул инвестира доста за да го изгради овој тим. Ова не треба да нè обесхрабри, туку да ни даде повеќе сила. На почетокот и на крајот на дуелот на „Енфилд“ покажавме дека можеме да се бориме со сите”, додаде тренерот на Рома.