Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Диего Коста планира да остане во составот на оваа екипа до крајот на неговиот договор.
Иако во изминативе месеци имаше повреди и е далеку од неговата најдобра форма, Диего Симеоне му верува на шпанскиот репрезентативец. Тренерот е убеден дека следната сезона Диего Коста ќе покаже што може и повторно ќе биде закана за сите голмани.
Според „Марка“, Бразилецот со шпански пасош ќе одбие било какви понуди што може да пристигнат за него во текот на летото. Најмногу за него се интересираат од Италија, особено Рома и Наполи.
За разлика од Симеоне, раководството на Атлетико сака да го продаде Коста за да обезбеди средства за нови засилувања. Покрај тоа, конкуренцијата во нападот ќе биде многу сериозна, затоа што се очекува на Феликс и Алваро Мората да им се придружи Единсон Кавани.
Договорот на Диего Коста е до летото 2021 година. Тој можеше да замине минатото лето кога требаше да издржи казна од 8 натпревари, но реши да остане на „Ванда Метрополитано“ и сега планира да го стори истото.