Нова остра реакција во македонската кошарка. Поранешниот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски, јавно одговори на барањето на Управниот одбор на КФМ за негова оставка од функцијата претседател на Македонскиот олимписки комитет.
Во писменото обраќање Димевски упати серија критики кон актуелното раководство, оценувајќи дека состојбите во македонската кошарка се загрижувачки.
„Општа констатација е дека ова е најнеспособното раководство што некогаш го имала КФМ“, наведува Димевски. Особено остри се неговите забелешки за односот кон кошаркарските клубови, за кои тврди дека наместо поддршка, добиваат дополнителни финансиски оптоварувања.
„Клубовите имаат третман како банкомат на федерацијата, а би требало да е сосема обратно“, порачува поранешниот претседател на КФМ.
Димевски се осврна и на прашањата околу финансирањето на 3х3 кошарката, тврдејќи дека Македонскиот олимписки комитет се вклучил во проектот на барање на федерацијата и со обврска за контрола на трошењето на средствата. Во реакцијата тој ги оспорува и критиките поврзани со неговиот син, потсетувајќи на неговите репрезентативни настапи и спортски успеси.
На крајот, Димевски испраќа порака дека ќе продолжи да ја поддржува македонската кошарка. „И јас, како и лицето Т.Г., сме минливи и менливи, но резултатите што сме ги оставиле позади нас ќе останат вечно, некому за среќа, а некому за жал“, наведува Димевски.
Со ова продолжува јавниот спор меѓу КФМ и претседателот на МОК, во кој двете страни изнесуваат спротивставени ставови и обвинувања. Изнесените оценки и обвинувања се ставови на Димевски и не претставуваат независно утврдени факти.

