Македонскиот Олимписки комитет денеска одржа прес-конференција на која претседателот Даниел Димевски и нашите Олимпијци зборуваа за настапот на штотуку завршените ЛОИ во Токио.
На Олимпијадата најголемиот успех го оствари таеквондистот Дејан Георгиевски кој се врати со сребрен медал.
Димевски го сподели своето видување за сето тоа што се случуваше за време на Игрите и секако настапот на нашите спортисти.
„Привилегија беше да се биде во Токио со еден фантастичен склоп на спортисти и тренери, одлично дружење со една хомогена екипа. Беше направен капитал во луѓе кој ќе се надградува секоја наредна година. Во најдобро светло ја претставивме Македонија, бевме на ниво на секој настан на Олимпијадата. Бевме бројни, благодарност до сите учесници на залагањето. Имавме лични, национални рекорди, на крајот заокружено со среброто на теквондистот Дејан Георгиевски, најголемиот наш успех на едни Летни олимписки игри. Таквиот негов резултат е плод на работа, уште од првиот ден кога се сретнав со Дејан најавив дека ќе прославиме медал од ЛОИ Токио 2020. Македонскиот олимписки комитет ќе продолжи да стипендира идни наши врвни спортисти, сакаме на следните Олимписки игри во Париз 2024 да бидеме уште побројни, со повеќе олимписки норми и медали“, вели Димевски.