Претседателот на МОК, Даниел Димевски, Министерот за спорт, Борко Ристовски, нашата одбојкарка, Матеа Попоска и странските претставници на ЕМОФ 2025, денеска имаа средба со новинарите.
„Скопје и Куманово го живеат олимпискиот сон. Токму тоа што сакавме да го доловиме и да го донесеме тука во нашата држава се случи и полека тој олимписки дух сите започнуваме да го дознаваме бидејќи секој ден низ градот можете да забележите многу бои, сите бои на Европа, многу насмеани луѓе, весели со позитивна енергија. Се тоа ќе остане тука како прекрасен спомен за сите што ќе дојдат и ќе уживаат со нас“ – потенцираше Димевски.
„Најзначајното на игрите се спортистите. Тие го живеат олимпискиот сон и имаат шанса да се натпреваруваат со најдобрите. Тоа е искуство кое трае за цел живот и ќе се раскажува во иднина. Тоа ќе остане наследство за нивните семејства и за наредните генерации“ – изјави првиот човек на МОК.
Министерот Ристовски нагласи дека Македонија покажува дека може да биде добар организатор додека одбојкарката, Попоска, го потенцираше значењето на игрите за сите нејзини врсници од Македонија кои добија шанса да настапат на ЕМОФ 2025.

