По болните елиминации кои ги доживеаја во полуфиналните баражи за пласман на Светско првенство, фудбалерите на Македонија и Ирска немаа доволно свежина и мотив да презентираат некој поатрактивен фудбал, па во средба во која повеќе се мислеше на својот гол, актерите не постигнаа ниту еден гол.
Реално гледано, Ирска беше поблиску да ја затресе мрежата на Столе Димитриевски, па иако двапати тоа му успеа на Парот, неговите погодоци беа поништени поради офсајд ситуации.
По 11-те примени гола на двата последни натпревари, токму Димитриевски побара од своите соиграчи повеќе да внимаваат на позиционирањето и да се фокусираат на играта во одбрана, па нашиот тим беше прилично стабилен во оваа фаза од играта и не дозволи многу шанси за домаќините.
Островјаните беа за нијанса подобри во првото полувреме во кое Енид Барди беше единствениот кој го тестираше Келехер, а во второто во кое значително опадна темпото, убедливо најголемата шанса пристигна во 96-та минута.
Напаѓачот Кени се најде во колосална шанса да го матира Димитриевски, но Столе беше добро поставен и спречи гол за Ирците.
На крајот, конечните 0:0 колку толку ги залечуваат раните за двете репрезентации, кои сега нови шанси за подобрување на играта ќе бараат во месец јуни.

