Младиот македонски фудбалски репрезентативец Бојан Димоски покажа дека има капацитет за настап во нашиот сениорски состав и полека Милевски во него може да гледа сигурен стартер и за следните дуели во квалификациите. По победата над Малта синоќа, Димоски вели дека беше тешко да се игра против селекции од калибарот на Малта.
„Тешко е да се игра против вакви репрезентации, но покажавме карактер и квалитет и заслужено дојдовме до победата. Во денешно време сите репрезентации играат фудбал, знаевме дека ќе биде тешко, на крајот преовлада тимскиот дух и квалитетот. Тимот изгледа одлично. Имаме спој на младост и искуство, нова енергија. По оној пораз од Англија знаевме дека мора да се направи нешто, а на овие два натпревари со Италија и со Малта се покажавме во вистинско светло. Одиме чекор по чекор и се надевам дека и на следните натпревари ќе го покажеме најдоброто од нас“, вели Димоски, кој интернационалната кариера ја гради во руски Акрон Тољати.