Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, денеска организираше прием за нашиот автомобилист, Игор Стефановски – Иџе, кој ја освои третата Европската титула во шампионатот за ридско-планински трки. Стефановски претходно ги освои пехарите во 2014-та и 2015-та година.

„Со нас е тука европскиот шампион кој ги донесе пехарите дома. Благодарност што не правиш горди Македонци низ цела Европа и се надеваме дека така ќе продолжиш. Ние како Агенција сме тука со тебе и ќе останеме така и до крајот додека ги подигаш пехарите. Се надевам дека и наредната година ќе не радуваш“ – изјави Мојсовски.
„Пред се благодарност до Агенцијата за поддршката, ние спортистите успеваме некако да вратиме на достоен начин и да ја претставиме нашата држава како што треба. За моја среќа, еве трет пат станав европски шампион, на врвот на Европа. Горд сум на пехарите што се идентични со тие што ги добиваат возачите во Формула 1. Македонија навистина треба да биде горда што имаме три такви пехари. Се надевам дека нема да застанеме тука“ – потенцираше Стефановски кој ја искористи можностa посебно да му заблагодари и на Спортско радио 90,3 ФM за целата медиумска поддршка.

