Нашиот фудбалски шампион Струга ТЛ обезбеди плеј-оф во Конференциската лига на УЕФА, откако синоќа и покрај поразот на гостувањето кај Есперанж во Луксембург од 2:1 ја задржа предноста од првиот меч во Скопје (3:1) и со тоа закажа бараж-двомеч со исландски Бреидаблик за место во групната фаза на ова натпреварување.
Тренерот на Струга ТЛ, Шпетим Дуро на прес-конференцијата по мечот не можеше да ја сокрие среќата по пласманот на неговиот тим во плеј-офот.
„Чудата на Струга ТЛ сезонава продолжуваат, почнувајќи од шампионската титула во Македонија, па сега до пласманот во плеј-оф фазата од Конференциската лига. Историски ден за нашиот клуб, исклучително големо достигнување. Сакам да му се заблагодарам на тимот, на момците за тоа што го покажаа на теренот, затоа што и самите видовте, не бевме рамноправни од 14. минута, а сепак одигравме квалитетен меч, посебно во првото полувреме“, изјави Дуро.