Првиот човек на Реал Мадрид Флорентино Перез и официјално го престави новото засилување за својот клуб, Еден Азар кој од денес и официјално е играч на „кралскиот клуб“.
Флорентино Перез одлучи да ја одбере кралската ложа за презентација на Еден Азар, а тоа доволно говори дека на „Сантијаго Бернабеу“ пристигна новата „мега ѕвезда“. По една деценија и доведувањето на Кристијано Роналдо, Кака, Бензена… повторно во клубот доаѓаат вакви звезди, а Флорентино Перез не штедеше зборови да го претстави Азар.
„Ова е ден на голема среќа за нашиот клуб. Чувствуваме голема емоција што кон нашето семејство се приклучува еден посебен фудбалер. Нашата историја е преполна со фудбалери со уникатен квалитет. Долго време сакав да го имам овој говор и да ги изговорам овие зборови: Денес во нашиот клуб доаѓа еден од најдобрите фудбалери во светот. Еден Азар е тука и тука секогаш сакаше да биде. Исполнет ти е детскиот сон и можеш да се чувствуваш како дома. Пред тебе е публиката која ќе биде на твоја страна секогаш и насекаде. Добредојде во твојот дом“, рече претседателот Флорентино Перез.
Реал Мадрид за Азар плати 100 милиони евра, а обештетувањето кое ќе го добие Челзи може да достигне до 146 милиони евра, секако доколку бидат исполнети сите бонуси.
При преставувањето на новото засилување на Реал Мадрид на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ беа присутни многу навивачи кои дојдоа да го поздрават Азар, но сепак беа присутни над 50.000 навивачи, па со тоа не беше загрозен рекордот на Кристијано Роналдо, кого го поздравија над 80.000 гледачи.