Фудбалерот на Реал Мадрид, Еден Азар беше успешно опериран во Далас (САД), објави прес-службата на Реал Мадрид.
Самата операција била следена и од медицинскиот тим на клубот, а во наредните неколку денови фудбалерот ќе остане во болница. Азар се повреди во гостувањето од 25 коло во шпанскиот шампионат против Леванте (0:1), што се случи на 22 февруари. Пред тоа, 29-годишниот напаѓач не играше поради повреда од крајот на ноември минатата година до средината на февруари.
Претходно беше објавено дека во случај на хируршка интервенција, Азар ќе го пропушти останатиот дел од оваа сезона. Еден Азар му се приклучи на Реал Мадрид минатото лето. Оваа сезона, тој учествуваше само на 10 натпревари во „Ла Лига“, во кои постигна 1 гол и 1 асистенција.