Тренерот на Арсенал Унаи Емери објасни зошто го остави на клупата Месут Озил на вчерашниот натпревар против Бурнемаут, кој го добија тешко со 2:1.
Германецот воопшто не се појави во игра, што беше сосема изненадувачки, но тренерот објасни дека тоа го направил поради променетата шема со тројца централни дефанзивци и стремежот да се игра поагресивно и цврсто што не се совпаѓа со стилот на фудбалерот.
„Сфативме дека не очекува физички тежок натпревар со многу борби и дуели, па решивме да не игра. Освен тоа дејствуваме со тројца централни дефанзивци и оваа различна формација ќе ни даде една поинаква опција” објасни Емери, кој беше испровоциран од новинарите со тврдење дека очигледно нема доверба во фудбалерот. „На почетокот на сезоната разговаравме секој ден за тоа како треба да сме конкурентни, но исто така и организирани и со стремеж да се подобруваме постојано. Ситуацијата е иста и сега”, додаде тој.
„Сакавме да победиме по секоја цена и да останеме близу до Тотенхем, Челзи и Ливерпул. Манчестер Сити е пред нас, но нашиот напредок е важен и моравме да се бориме, бидејќи во следната средба ќе играме со Тотенхем. Бевме под притисок, но јас сум среќен со нашата реакција. Сеуште примаме повеќе голови отколку што треба и мораме да работиме на одбраната” истакна Унаи Емери.

