Менаџерот на Арсенал, Унаи Емери потврди дека клубот се обидува да го продаде дефанзивецот Шкодран Мустафи и играчот од средниот ред, Мохамед Елнени. Двајцата играчи дојдоа во Арсенал во 2016 година.
„Тие се одлични фудбалери, но се случува двајцата да не добиваат доволно време за играње, па затоа ќе бидат несреќни доколку останат овде. Неколку пати разговарав со нив за ова. Тие знаат дека е подобро за нив да заминат и да одат во екипи каде што ќе им бидат дадени лидерски улоги. Тие се одлични играчи, но од една или друга причина, ќе имаат помала можност за да го покажат својот капацитет“, рече Унаи Емери.
Елнени е поврзан со трансфер во Галатасарај, додека во Италија се вели дека Рома е заинтересирана за Мустафи, кој стана вишок по доагањето на Давид Луис од Челзи.