Менаџерот на Арсенал Унаи Емери се обиде да ги смири навивачите по неочекуваниот пораз во Белорусија од БАТЕ Борисов со 0:1 и верува дека лондончани ќе ги свртат работите во своја корист.
Станислав Драгун му ја донесе победата на домашниот тим непосредно пред крајот на првиот дел, а лондончани не успеаа да го најдат патот кон голот на противникот во текот на вториот дел, а кон крајот на мечот Александар Лаказет беше исклучен поради намерно удирање на противнички играч и ќе го пропушти реваншот. Сепак, Емери ја има довербата во своите играчи.
„Ова е само прв натпревар. Треба да одиграме уште 90 минути, кои сум сигурен дека ќе бидат различни“, изјави Емери, кој смета дека неговиот тим сепак заслужил повеќе.
„Следи еден домашен натпревар во кој можеме да ја промениме ситуацијата. Не сакавме ваков и покрај тоа што не заслуживме да загубиме, противникот работеше напорно во текот на целиот натпревар. Со фановите кои ќе ги имаме зад нас ќе биде многу полесно”, додаде Емери.
„Неиграњето на Лаказет е лоша вест, но друг ќе добие шанса. Ние само треба да ја контролираме сегашната ситуација и да нема нервоза во нашите редови. Верувам дека имаме се што ни треба за промена на ситуацијата. И сега заслуживме да победиме, но не успеавме. Противникот беше добро организиран и чекаше момент. Причината за поразот, сепак, не е изборот на составот”, заврши Унаи Емери.