Репрезентацијата на Шпанија постигнува голови повеќе и од Барселона, посочи селекторот Луис Енрике, откако беше критикуван за реализацијата на неговите фудбалери.
Шпанците победија против Норвешка со 2:1 со гол од пенал на Серхио Рамос, а пред тоа Алваро Мората и Марко Асенсио пропуштија чисти шанси против скандинавците.
„Дебатата за недостатокот на голови допре и до мене, но ние сме постигнале 19 голови во моите први седум натпревари. Тоа се 2,7 просек на натпревар, а Барса имаат 2,6 и водат во Шпанија. Па не мислам дека сме неефикасни и дека имаме проблем со постигнување на голови”, рече Енрике.
Тренерот исто така им честиташе на своите играчи и покрај тешката победа.
„Пред неколку дена игравме дури и подобро од натпреварот со Хрватска, кој го добивме со 6:0. Имаше добри моменти и помалку грешки. Игравме пресинг високо и ги освоивме сите втори топки”, додаде тој.
„Мојата оценка за настапот е 9 од 10. Единствената причина да не е 10-ка се крие во тоа што пропуштивме да постигнеме повеќе голови”, заврши селекторот на Шпанија , Луис Енрике.
Вечерва селекцијата на Шпанија игра уште еден натпревар од квалификациите за ЕП, гостува кај Малта.