Возачот во Мото ГП, Пол Еспаргаро, заработи фрактура на торакалниот пршлен откако падна на вториот тренинг за Големата награда на Португалија.
Шпанецот изгуби контрола на моторот во десеттиот свиок а потоа се преврте неколку пати во безбедносната зона пред да удри во ѕидот. Тој потоа со хеликоптер беше пренесен во болницата во Фаро. Таму е утврдено дека има фрактура на торакален пршлен, фрактура на вилицата и набиено белодробно крило.
Еспаргаро нема да вози во Португалија а ќе мора да ја пропушти и трката во Аргентина закажана за наредниот викенд.