Европскиот шампион Вардар денес ја започнува одбраната на титулата во најсилното европско натпреварување – Лигата на шампиони. Интересно е што веќе трета година по ред во првото коло „црвено-црните“ тргнуваат против Монтпелје.
Во меѓусебните пресметки на Вардар и Монпелје во последните пет години поуспешни се „црвено-црните”. затоа што веќе имаат пет победи на последните 7 меѓусебни дуели. Сепак, оваа сезона Вардар е во променет состав, со нов тренер, и се уште ја бара својата оптимална форма.
Сепак вардарци се оптимисти и се надеваат на стартен успех во Франција. Словенецот во „црвено-црниот“ дрес, Сташ Скубе во пресрет на денешниот меч вели:
„Сезонава екипата малку се промени, а имаме и некои проблеми со повреди. Но, ние сме сѐ уште Вардар. Многу од играчите кои во јуни ја освоија титулата сѐ уште се тука. На првиот натпревар гостуваме кај Монпелје, мислам дека добро се подготвивме и тактички и физички и одиме во вистинска борба. Ни следи тежок натпревар, можеби гол-два ќе биде разликата. Не сме фаворити да ја одбраниме титулата, но во последните 6-7 години никогаш фаворитот не ја освоил титулата. Мислам дека нам ни одговара улогата да напаѓаме од позадина. Ќе одиме натпревар по натпревар, ќе биде долга сезона и тешко е сега да се каже како ќе биде. Сепак, имам доверба во играчите и мислам дека пред нас е убава година во однос на вардаровиот резултат“.
Вардар за првиот меч од новата сезона на ЛШ е без повредните Стојанче Стоилов и Жозе Толедо. Средбата во Франција почнува од 17.15 часот.