Актуелниот европски првак Реал Мадрид вечерва на Олимпискиот стадионот во Хелсинки (21 ч.) ќе се соочи со освојувачот на Лигата на Европа, Ајнтрахт Франкфурт во пресметката за Суперкупот на УЕФА. „Кралевите“ го победија Ливерпул на „Стад де Франс“ и по 14-ти пат стигнаа до трофејот од Лигата на шампионите, па ќе ја имаат честа да ја отворат и новата евро-сезона, токму во меч со „германските орли“ кои по победата над Ренџерс на пенали на крајот на мај го освоија својот втор европски трофеј во историјата.
Реал и Ајнтрахт вечерва се среќаваат само вторпат во историјата. Првата и последна нивна досегашна пресметка беше во финалето на КЕШ во 1960 година, кога „галактикоси“ победија со 7:3.
За мадриѓани ова ќе биде осми настап во мечот за Суперкупот на УЕФА. Шпанците досега имаат четири победи и три порази на овие натпревари. Само Милан и Барселона имаат освоено повеќе вакви трофеи од Реал, по пет. Ајнтрахт, пак, дебитира во Суперкупот.