Едно од најголемите имиња во светскиот тенис, Роџер Федерер во неделата рече дека ќе оди на дополнителна операција на коленото и призна дека „ќе отсуствува многу месеци“ од тениските терени. Со оваа негова одлука, веројатно се става во прашање неговото продолжување на тениската кариера, со оглед на тоа што има 40 години.
„Ќе бидам на патерици многу недели и надвор од играта многу месеци“, рече 20-кратниот освојувач на грен слем титули, во видеото објавено на неговиот Инстаграм профил.
Одлуката веднаш го исклучува настапот на УС Опен, каде што беше шампион петпати.
„Сакам да си дадам трошка надеж да се вратам на натпреварите во некоја форма“, додаде Федерер.
„Јас сум реален, не ме сфаќајте погрешно. Знам колку е тешко на моја возраст да се мине уште една операција. Ќе се обидам. Сакам да бидам здрав, сакам да трчам наоколу”.