Претставници на Маруан Фелаини ќе одржат нова серија преговори со раководството на Манчестер Јунајтед, на крајот од оваа недела, објави „Скај Спортс”.
Белгискиот фудбалер е пред завршување на договорот на крајот на месец јуни и можноста да го напушти „Олд Трафорд” е реална – нешто што барем менаџерот на тимот, Жозе Мурињо не сака да се случи.
30-годишниот белгиски играч неодамна даде изјава со жалење за пристапот на клубот кон новиот договор.
„Неколку клуба имаат интерес кон мене, па ќе видам што ќе се случи. Знам дека сите во тимот сакаат да останам, вклучувајќи го и Мурињо, но јас сакав нов договор уште минатата година, но тогаш не добив таков. Минатата сезона зборував еднаш со менаџерот на оваа тема, а потоа повторно му најавив дека сакам да потпишам нов договор, но не планирам да го молам десетици пати. Потоа се случи тоа што имав неколку добри натпревари и сите во клубот беа свесни дека погрешиле што не ми понудиле нов договор, а добрите работи имаат цена”, коментираше поранешниот играч на Евертон.
Во понеделникот Мурињо изјави дека клубот и агентот на играчот имаат начелна согласност за нов договор, но официјално се уште не е реализирано.