Гоце Седлоски и официјално е новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација. Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука за избор на нов селектор, а според очекувањата, тоа е актуелниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски.
Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари 100 настапи и постигна 8 голови за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер кој запишал 100 настапи за репрезентацијата.
Седлоски има и претходно искуство во стручниот штаб на националниот тим. Во август 2012 година ја водеше македонската А репрезентација како в.д. селектор на пријателскиот натпревар против Литванија во Скопје (1:0).
Фудбалската федерација на Македонија верува дека искуството, авторитетот и длабокото познавање на македонскиот фудбал на Гоце Седлоски ќе придонесат за стабилност, континуитет и напредок на националниот тим во претстојниот период.
Официјалната промоција на Гоце Седлоски за селектор на македонската А репрезентација е закажана за утре.

