Од Фудбалската федерација на Македонија денеска објавија ново соопштение по вчерашните случувања на мечот Кожуф – Башкими во Втората македонска фудбалска лига.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) продолжува со интензивна постапка за утврдување на неправилностите поврзани со натпреварот од 28. коло во Втора МФЛ меѓу ФК Кожуф и ФК Башкими. По добиени сознанија и укажувања од раководителот на одделот за безбедност и заштита на интегритетот во рамки на ФФМ, веднаш беше отпочната постапка, а изјавите од службените лица на натпреварот (главен судија, тројца помошници, контролор на судии, делегат на натпревар, комесар за безбедност од ФФМ) се веќе добиени. Тие се прецизни и јасни и укажуваат на тоа дека натпреварот има сериозни нарушувања на интегритетот. Очигледните неправилности кои се евидентирани се причина Комисијата за натпреварување да не го регистрира натпреварот, односно бодовите од истиот не се заведени. Истовремено, двата клуба се предадени на дисциплинска постапка“, се вели во соопштението.
ФФМ најави и дека ќе се започне со прибирање изјави од сите лица за кои ФФМ има сознанија дека биле инволвирани во случајот, вклучително и фудбалери за кои постојат индиции за вмешаност. Собраниот доказен материјал до овој момент е доставен до архивското одделени при Министерството за внатрешни работи (МВР), а дополнително, за случајот е информирана УЕФА, која внимателно го следи развојот на настаните.

