Вечерва Фудбалската федерација на Mакедонија (ФФМ) на гала вечер во МНТ ќе ги додели наградите за најдобрите во Мак фудбалот за 2018 година.
Како никогаш досега на една свеченост на која ќе се прогласуваат најдобрите за една сезона ќе доминира една екипа. Тоа е Шкендија, апсолутно заслужено ако се знае дека овој клуб ја освои двојната круна, убедливо беше најдобра во првата лига, а ги освои во најголем дел и пехарите во младинските категории во првенството и Купот на Македонија.
За најдобара фудбалер ќе биде прогласен Бесарт Ибраими кој е и најдобар стрелец. Ќатип Османи ќе ја добие наградата за тренер на сезоната, а Шкендија ќе го понесе и признанието за фер – плеј екипа, Енис Фазлгиќ (сега член на Жилина) ќе добие признание за најдобар млад фудбалер, исто така најдобра е и младинската школа на ФК Шкендија, а Беким Османи е најдобар тренер за млади категории. Тоа се вкупно седум награди кои екипата на Шкендија треба да ги добие вечерва на гала свеченоста на ФФМ.
Нашиот капитен Горан Пандев ќе добие посебно признание, а Енис Барди ќе биде прогласен за најдобар играч во странство
Капитенот на репрезентацијата Горан Пандев ќе добие специјално признание за својот придонес за мак – фудбалот. Секако дека повод за тоа, покрај другото, е и успехот на нашата репрезентација која беше прва во групата во Лигата на Нации и се пласираше во баражот за пласман на ЕП.
Играчот на Леванте Енис Барди, исто така сосема очекувано и заслужено, ќе биде прогласен за најдобар македонски фудбалер кој игра во странство. Тој со своите игри стана еден од стандардните играчи на оваа екипа која е хит во шпанската „Ла Лига“. Исто така ќе бидат доделени уште неколку други награди на свеченоста која почнува во 19.30 часот.