Првото светско клупско првенство на кое ќе учествуваат 32 екипи ќе се одржи 2025 година во САД, одлучи Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Овој настан ќе претставува еден вид загревање за Светското првенство 2026 година во кое покрај САД, организатори се уште и Канада и Мексико. Натпреварувањето ќе се одржи во јуни и јули 2025 година, а организаторот треба да ги одреди градовите и стадионите на кои ќе се играат напреварите.
На првото Светско клупско првенство од овој формат, ќе учествуваат 12 екипи од Европа, од кои сигурни се последните тројца победници во Лигата на шампионите, Манчестер сити, Реал Мадрид и Челзи, додека останатите екипи ќе бидат одредени според коефициентот.
Јужна Америка ќе има шест екипи, а по четири ќе имаат Азија, Африка, Средна и Северна Америка, Океанија ќе има една, а последното место е за организаторот.
Покрај Манчестер сити, Реал Мадрид и Челси, сигурен настап обезбедија и Ал-Хилал (Саудиска Арабија), Урава (Јапонија), Ал-Ахли (Египет), Видад Казабланка (Мароко), Монтереј (Мексико), Сиетл (САД), Клуб Леон (Мексико), Палмеираш (Бразил) и Фламенго (Бразил).