ФК Вардар денеска под мотото „пет до дванаесет“ одржа прес-конференција на која уште еднаш се освртнаа на ситуацијата за реален финансиски спас на најтрофејниот македонски клуб. ФК Вардар денеска ги повика државните институции конечно да одговорат на обидите за изнаоѓање решение.
„За Вардар од поодамна е пет до 12. За тоа е и оваа прес-конференција. За нас е зачудувачки како се однесува оваа држава кога странски инвеститор е заинтересиран да влезе во ФК Вардар со инвестиција од 18 милиони евра. Тоа е инвестиција од чиј дел ќе биде покривање на основниот долг од околу три милиони евра. Но, ние се уште немаме официјален одговор од институциите што и како се долговите на ФК Вардар. Ние се обидуваме да доведеме странска инвестиција, за спас на ФК Вардар, но државните институции се однесуваат ингнорантски без одговор на нашите барања уште од 27 јуни. Ние од тогаш немаме никаков одговор од ниту една од надлежните институции како ПУИГ, УЈП, па се до премиерот на Владата. За нас е зачудувачки дали надлежните институции секогаш се однесуваат вака кога се најавуваат странски инвестиции? Еве, нека биде и хипотетечки дали ќе дојде некој инвеститор, но дали ова е начинот на кој се однесува државата, дали е ова начинот на кој се привлекува инвеститор“, вели Милорад Миленковски, еден од луѓето кои сериозно работат на спасот на „црвено-црните“.
Тој дополни дека по најавата за одржување на прес-конференцијата, се јавиле веднаш некои државни инситуции кои сега понудиле решение на одредени проблеми кои беа актуелизирани пред неколку месеци.