Тренерот на Барселона Ханси Флик со измешани чувства го прифати нерешениот резултат 4:4 на домашен терен против Атлетико Мадрид во првото полуфинале од Купот на кралот. Барселона беше во негатива од два гола во воведните минути од натпреварот, а потоа постигнаа четири пред да примат уште два.
„Разочаран сум од резултатот поради начинот на кој одигравме по двата примени гола на почетокот. Создадовме многу шанси. Во последните неколку минути дозволивме да ни направат многу шанси. Атлетико е многу силен тим“, изјави Флик.
„Имавме големи шанси да победиме. Треба да разговараме со играчите за грешките што ги направивме во одбраната. Се надевам дека можеме да го поправиме тоа. Ние сме млад тим и сигурно ќе продолжиме да се развиваме“, потенцира германскиот специјалист.
„Можеме да победиме во Мадрид. Доминиравме 70 минути, но на крајот дозволивме да бидеме под притисок. Не ми се допадна како постапивме во ситуацијата со последниот гол. Сепак, задоволен сум од формата на повеќето играчи и сигурен сум дека сме на добар пат“, додаде Ханси Флик.

