Тренерот на Барселона – Ханс Дитер Флик призна дека неговиот тим не одиграл добро на гостувањето кај Осасуна, каде загуби со 2:4.
Сепак, тој нагласи дека судијата направил голема грешка со вториот гол на домаќините, бидејќи имало прекршок на стартот од нападот.
Германскиот тренер ја презеде одговорноста за поразот и ги објасни ротациите во составот со набиениот распоред. Тој на клупата ги остави крилата Рафиња и Ламин Јамал, што целосно ја промени играта на тимот.
„Колку и да е непријатно, мораме да го прифатиме поразот. Моја одговорност е да ги заштитам играчите, но вистината е дека не очекував да играме вака. Четири примени гола се премногу. Направивме многу грешки, но и противникот се претстави многу добро. При вториот гол на Осасуна мислам дека имаше прекршок на почетокот на нападот. Се разбира, не сум сосема сигурен бидејќи сè уште не сум ги гледал репризите. Направив промени во составот и можеби тоа е една од причините. Сепак, според мене, овие промени беа неопходни. Се акумулираа многу натпревари, а некои играчи имаат премногу минути. Морав да преземам мерки, тоа е моја одговорност. Ако сакате да обвините некого, обвинете ме мене за поразот“, рече Флик на прес-конференцијата по натпреварот со Осасуна.

