Тренерот на Барселона, Ханси Флик, одлучил дека неговите играчи нема да тренираат во Белгија пред натпреварот со Клуб Бриж во среда, објавија шпанските медиуми.
Каталонците победија во недела навечер против Елче, но немаа време за одмор и утрово се појавија во базата на клубот за да одржат тренинг за закрепнување. Зголемениот замор на играчите е причина за одлуката на Флик, кој е категоричен дека е од најголема важност да се управува со обемот на работа и часовите за одмор на играчите, како и клучен дел од спречувањето на повреди.
Токму поради згуснатиот распоред на Каталонците, Германецот одлучил играчите денес да се појават во базата на клубот, каде што повторно ќе одржат тренинг во 11 часот по локално време, а потоа ќе заминат за Белгија, каде што Флик и еден од играчите ќе се појават на задолжителната прес-конференција попладне.
Досега, Барса победи на два од трите натпревари во Лигата на шампионите и е на деветтото место на табелата со девет бода. Единствениот пораз го доживеа како домаќин против Пари Сен Жермен.

