Фудбалерите на Вест Хем се судрија со навивачите на АЗ Алкмар по реваншот од Конференциската лига. Да потсетиме дека средбата заврши со победа на лондончани со резултат 1:0 со гол постигнат во судиското надополнување.
По натпреварот ултрасите на домаќините го нападнаа гостинскиот сектор на навивачите на лондонскиот клуб во кој беа и семејствата на играчите.
Неколку играчи на Вест Хем истрчаа до трибините и влегоа во вербален дуел со навивачите на АЗ Алкмар.
Првиот натпревар заврши со победа на Вест Хем од 2:1. Така, лондончани стигнаа до финалето на Конференциската лига, каде ќе се сретнат со Фиорентина, која го победи Базел во својот полуфинален меч.
Решавачкиот натпревар од Конференциската лига меѓу Вест Хем и Фиорентина ќе се одигра на 7 јуни во Чешка.