Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 ч.) на Националната Арена во Скопје ќе го има првиот натпревар од септемврискиот квалификациски циклус за СП 2022 и прв по настапот на Европското првенство кое се одржа во јуни. Под водство на новиот селектор Благоја Милевски, нашите фудбалери со малку и променет состав ја пречекуваат Ерменија, која квалификациите ги почна со три победи.
„Оптимист сум, иако немавме доволно време да ги пренесеме сите наши замисли и идеи. Но, верувам во фудбалерите и во нивниот професионализам. Тие се добри карактери и се адаптираат на сите нови замисли“, истакна селекторот на прес-конференцијата пред мечот.
Против Ерменија игравме во Лигата на Нации и статистиката е во наша полза. На последните два меча на домашен терен имаме две победи од 2:1 и 2:0, па да се надеваме дека континуитетот на добри резултати против овој противник ќе продолжи и вечерва.