Напаѓачот на Барселона , Осман Дембеле, иако одигра фантастичен меч против Севилја и постигна феноменален гол, направи глупост во самата завршница и заработи црвен картон откако му се обрати на главниот судија, Лахоз.
Ако дисциплинската комисија процени дека станува збор за понижување, Дембеле ќе паузира од два до четири меча што значи дека ќе го пропушти големото „Ел Класико“ со Реал Мадрид. Тренерот на Барса, Ернесто Валверде, на прес-конференцијата вели дека е зачуден од судискиот записник, бидејќи колку што знае, Дембеле речиси и да не зборува шпански.
„Искрено, ме чуди тоа, јас имам проблеми да зборувам со него, тешко е да извлечете зборови од него на шпански јазик. Затоа сум изненаден од тоа што стои во записникот“ – потенцираше Валверде.