Македонската футсал репрезентација ја оствари целта и пласманот во втората фаза од квалификациите за светското првенство. Со победата над Албанија, синоќа, обезбедиме место во наредната рунда која не очекува во Украина, каде ќе се соочиме со Украина, Словенија и Косово.
„Основната цел беше да ја поминеме групата и секако да бидеме први. Имавме доста проблеми со составот и со физичката подготвеноста на играчите. Вложивме многу труд и со голема пожртвуваност на играчите го исполнивме планот“, изјави по мечот за Спортското радио 90.3 фм, селекторот Иван Божовиќ.
За решавачкиот меч со Албанија и тесната победа која ни обезбеди прво место, Божовиќ додаде:
„Сметам дека ова за публиката беше одличен меч. Имаше многу дуели, контакти, набој, што за нас тренерите тактички и не е најдобар меч, но сепак, треба да бидеме задоволни од резултатот.
Еден од нашите најдобри футсал репрезентативци, Зоран Левески, по мечот потенцираше:
„Отворивме добро со водство, па по две наши грешки се вратија во игра. Мислам дека не сме на она рамниште на кое треба да бидеме. Сега ќе мора да се размислува за она што не чека во октомври. Светското првенство е многу далеку и наша главна цел е да се освојат што повеќе бодови во втората фаза и да дојдеме до подобар коефициент за квалификаците за ЕП“, вели Левески.