Досегашниот голман на ФК Вардар, Филип Гачевски и официјално се збогува со навивачите на Вардар преку својот ФБ профил. Гачевски беше капитен на Вардар изминатата сезона, но неговиот договор истече на крајот на сезоната во која Вардар како лидер ја освои титулата. Сепак финансиските проблеми во клубот го натераа Гачевски да донесе одлука за напуштање на клубот.
„За жал дојде и тој момент. После пет години, денеска се збогувам со вас и фановите, бидејќи заминувам од Вардар – клубот со кој ги доживеав најубавите моменти, 3 титули и историски пласман во Лига Европа. Благодарам на соиграчите и на луѓето со кои работев секој ден сите овие години. Научив многу од сите тренери, а најмногу од Саша Илиќ, Александар Васоски и Гоце Седлоски. Им благодарам на фановите за постојаната поддршка, им благодарам на Комити за тоа што беа со мене во убавите, но и тешките моменти. Клубот не ме научи само како да бидам спортист, туку ме изгради и како личност. Не сакам да бидам запаметен како добар или лош голман, туку како добар човек. Ви благодарам и секаде каде ќе одам ќе извикувам ,,Вардар во срце те носам”!!! Еден живот – една љубов“, напиша Гачевски.