Со победа од 2:1, еден од главните фаворити за мундијалскиот трофеј, селекцијата на Франција, почна во групата „Ц“ на СП во Русија. Избраниците на Дидие Дешамп, славеа на премиерата во Казан против селекцијата на Австралија, која се покажа во извонредно светло.
До првиот гол чекавме дури до второто полувреме кога по асистенција на ВАР контролата, главниот судија Куња од Уругвај покажа на белата точка по прекршок врз Гризман. Голгетерот на Атлетико (М) сам ја изведе најстрогата казна и ја донесе Франција во водство од 1:0 во 58. минута. Само 4 минути подоцна, нов пенал. Сега Умтити играше со рака во својот шеснаесетник, а уругвајскиот судија покажа на белата точка за Австралија. Капитенот на „кенгурите“, Јединак погоди за 1:1.
Одлуката падна во 80. минута кога Пол Погба погоди под пречката на голманот Рајан, а топката падна неколку сантиметри зад гол-линијата што беше доволно за победничко славје на Французите.