Веќе нема дилеми, Криштоф Галтие ги брои последните недели или денови како главен тренер на Пари Сен Жермен. Повеќе од јасно е дека тој нема да биде на клупата на тимот следната сезона. Поради катастрофалните резултати на тимот под негово водство, газдите на ПСЖ почнаа да бараат нов тренер. Последните информации од Париз наведуваат дека раководните фактори во клубот веќе започнале преговори со Јулијан Нагелсман, младиот германски тренер кој до пред две недели беше на чело на Баерн Минхен.
35-годишниот стручњак пред неколку дена беше изненадувачки отстранет од функцијата, но се чини дека нема уште долго да биде без работа, бидејќи неговото име веќе се поврзува со голем број клубови, а францускиот шампион е исто така меѓу нив.
Од ПСЖ веќе го контактирале Германецот за да видат дали тој е подготвен да дојде на „Паркот на принцовите“.