Тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини, изненадувачки го критикуваше Адемола Лукман за промашениот пенал синоќа на мечот со Клуб Бриж. Гасперини по средбата го нарече Лукман „еден од најлошите изведувачи на пенали што некогаш го видел“.
Моментот можеше да го смени целиот тек на мечот, затоа што Аталанта со тој гол ќе дојдеше до 2:3 против Бриж и шанса да има уште 30 минути за целосен пресврт.
„Лукман не требаше да го изведе тој пенал, тој е еден од најлошите изведувачи на пенали што сум ги видел“, рече Гасперини. „Тој има искрено ужасен рекорд дури и на тренинзите, многу малку погодува од белата точка. Ретеги и Де Кетелаере беа таму, но Лукман во момент на ентузијазам по постигнувањето на голот реши да ја земе топката и тоа беше гест што воопшто не го ценам“, дополни тренерот на Аталанта.

