Напаѓачот на Реал Мадрид, Герет Бејл може да се врати во англиската Премиер лига. За услугите на Велшанецот е заинтересиран Саутемптон, за кој играчот настапуваше на стартот од кариерата, информира „Ел Национал“.
Според изворот, Бејл нема ништо против за враќање во Саутемптон, од чија школа и потекнува. Договорот на Герет Бејл со Реал Мадрид истекува во летото 2022 година. Кралскиот клуб нема намера да ја продолжи соработката со велшкиот напаѓач. Претходно беше објавено дека Реал нема да ги обнови договорите со Марсело, Иско и Герет Бејл, па на лето ќе си заминат од Мадрид како слободни играчи.
Исто така, Реал Мадрид чека предлози за Даниел Себаљос и Хесус Ваљехо, бидејќи тие не се вклучени во плановите на тренерот Карло Анчелоти. Бејл оваа сезона одигра три натпревари за Реал Мадрид во шпанското првенство и постигна еден гол. Интернет порталот Трансфермаркт го проценува 32-годишниот фудбалер на само 5 милиони евра.

