Домаќинот на УЕФА ЕУРО 2024 Германија ќе се соочи со Унгарија во нивниот втор натпревар на шампионатот во групата А. Натпреварот на Штутгарт Арена започнува во 18:00 часот
Германија започна со одличен старт, победувајќи ја Шкотска со 5:1, но експертите сега очекуваат многу потешка игра, иако Унгарија загуби со 3:1 од Швајцарија на првиот меч.
Статистиката покажува дека на последните три натпревари меѓу двата тима Бундестимот нема победа. Во 2022 година, Унгарија победи со 1:0 на гости во Лигата на нации, а тимовите претходно ремизираа во истото натпреварување. На претходното Европско првенство Германија израмни на 2:2 со голот на Леон Горецка во финишот од натпреварот.
Се очекува селекторот на домашната селекција Јулијан Нагелсман да смета на стартниот состав од натпреварот против Шкотска. Уште една победа ќе му обезбеди на тимот пласман во следната фаза. Германија ќе излезе со својот резервен дрес на оваа средба кој е во розова боја.
Сепак, селекторот на Унгарија Марко Роси сигурно ќе направи промени во стартните 11 по неубедливиот настап на тимот против Швајцарија.
За безбедноста на судирот меѓу Германија и Унгарија ќе се грижат околу 2.500 полицајци. Навивачите на двата тима ќе бидат строго разделени на патот до стадионот и назад. Натпреварот е меѓу неколкуте класифицирани како „висок ризик“ на турнирот од страна на полицијата и УЕФА, главно поради присуството на унгарски навивачи.