Водечкиот тенисер на АТП листата Новак Ѓоковиќ се наоѓа на само една победа до рекордна седма титула во Австралија.
Во полуфиналето Србинот буквално го „прегази“ со 6:0, 6:2, 6:2 Французинот Лука Пуј и во финалето ќе се соочи со големиот ривал во текот на овие години Рафаел Надал.
„Ова беше еден од моите најдобри натпревари. Се во играта ми одеше. Лука е одличен тенисер но лошо го отвори мечот, но му посакувам се најдобро. Тој има квалитети да биде играч од Топ 10 и овој натпревар ќе биде многу важен за него. Минатата година, кога бев повреден, верував дека можам да се вратам на ова ниво. Секогаш верувам во своите способности и тоа ми помага. Пред натпреварот разговарав 45 минути со мојот 4-годишниот син и тој ми посака успех. Сега ми претстои натпревар со Надал, а секоја средба со него е искуство во живот “, рече Ѓоковиќ по победата, додавајќи и малку на шега дека и тој би си купил билет за престојното финале, ако беше обичен фан. „Јас дефинитивно би купил билет за овој натпревар”, изјави Ѓоковиќ во интервју за американската легенда Џим Куриер.